Досегашното истражување, како што се наведува, опфатило неколку помлади лица, од кои едно е уапсено и врз него се спроведува кривична истрага.
Во соопштението се додава дека во почетната фаза од истрагата, од особено значење е итно и непречено собирање информации од сите лица кои можат да ѝ обезбедат на полицијата корисни информации, што претставува отежнувачка околност кога информациите и сознанијата се објавуваат јавно.
Наведеното може да ја отежне полициската работа, се наведува во соопштението, бидејќи „постои ризик информациите да стигнат до лица кои треба да бидат вклучени во кривичната истрага, а за кои се дознало токму во таа почетна фаза од истрагата“.
“Бидејќи ни е важно навремено информирање, водени првенствено од интересот за ефикасно криминалистичко истражување, штом околностите дозволат, дополнително ќе ја информираме јавноста“, соопшти загрепската полиција.
Загрепскиот весник Јутарњи лист објави утринава дека едно малолетно лице се обратило на полицијата и раскажало дека со група помлади лица ноќта на пожарот било во зградата на Вјесник.
Наводно сакале да се искачат на врвот од зградата, но наишле на заклучена врата на највисоките катови.
Во еден момент, еден од младите мажи во групата почнал да пали картонски кутии, пожарот се проширил, а тие избегале од зградата и се разбегале. Според весникот, станува збор за млади луѓе на возраст од 16 и 17 години кои живеат во близина на Вјесник.
Пожар во една од најголемите и најпознатите деловни згради во Загреб, во мнозинско сопствеништво на државата, избувна во понеделник околу 23 часот. Полицијата и пожарникарите сè уште го контролираат подрачјето, но влезот во зградата, која скоро целосно изгорела, засега е невозможен, бидејќи градежните инженери процениле дека засега не е безбедна.
На сила е посебна регулација на сообраќајот, затворени се сообраќајниците околу раскрсницата на Слaвонската и Савска улица, што доведува до голем сообраќаен метеж на една од најпрометните раскрсници во градот.
Облакодерот, кој некогаш беше симбол на новинарството и Загреб, е висок 67 метри и има 16 ката, а бил граден во текот на девет години, од 1963 до 1972 година. Во последните дваесет години, оваа деловна зграда, некогаш седиште на дневниот весник Вјесник, е претежно празна и запуштена, со само повремено користење на канцеларите
Министерот за просторно планирање, градежништво и државен имот, Бранко Бачиќ, изјави дека дали зградата ќе биде реновирана или отстранета ќе зависи од стручната проценка.






