понеделник, 8 декември 2025

Истополов пар се венча во Германија, Полска одби да го признае бракот, потоа се огласи и судот на ЕУ

Највисокиот суд на ЕУ пресуди дека истополовите бракови склучени во една земја-членка мора да бидат признати низ целата Унија, па затоа одбивањето на Варшава да го признае бракот на двајца Полјаци склучен во Германија е спротивно на законите на ЕУ.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

„Земјата-членка има обврска да признае брак помеѓу двајца граѓани на Унијата од ист пол кој е законски склучен во друга земја-членка во која тие ја оствариле својата слобода на движење и престој“, соопшти Судот на правдата на ЕУ.

Двајца полски државјани, кои живееле и се венчале во Берлин во 2018 година, побарале нивниот брак да биде признаен во Полска по враќањето во земјата, што властите го одбиле, повикувајќи се на националното законодавство кое не ги признава истополовите бракови.

Парот започна постапка пред Врховниот управен суд на Полска, кој го упати до Судот на правдата на ЕУ.

„Кога граѓаните на ЕУ основаат семеен живот во земја-членка домаќин, особено врз основа на брак, тие треба да имаат сигурност дека ќе можат да го продолжат тој семеен живот при враќањето во својата земја-членка на потекло. Одбивањето да се признае брак меѓу двајца граѓани на Унијата од ист пол, законски склучен во друга земја-членка каде што тие ја оствариле својата слобода на движење и престој, може да предизвика сериозни непријатности на административно, професионално и приватно ниво, принудувајќи ги сопружниците да живеат како невенчани лица во својата држава на потекло“, се наведува во соопштението на судот.

Затоа, Европскиот суд смета дека одбивањето на полските власти да го признаат бракот е спротивно на правото на ЕУ, бидејќи ги нарушува слободата на движење и престој и основното право на почитување на приватниот и семејниот живот.

„Затоа, земјите-членки се должни да го признаат, во интерес на остварување на правата што им ги даваат законите на ЕУ, брачниот статус законски стекнат во друга земја-членка“, се наведува во соопштението на судот.

Земјите-членки, се додава во соопштението, имаат дискреционо право да ги изберат постапките за признавање на таков брак склучен во друга земја-членка.

Сепак, судот нагласи дека пресудата не бара од државите да го воведат истополовиот брак во своето законодавство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ