Неодамнешната анкета на Галуп покажа дека 52 проценти од граѓаните поддржуваат продолжување на преговорите, додека 48 проценти се против. Гунарсдотир, која ја предводи проевропската партија Видреисн, смета дека резултатите од анкетите не треба да бидат пресудни. „Понекогаш не треба да се следат анкетите, туку треба да се преземе водство“, рече таа.
Министерката истакна дека Исланд е веќе членка на Европската економска зона и Шенген зоната за слободно движење и дека поголемиот дел од своето законодавство го има ускладено со Европската Унија. Поради ова, вели таа, процесот нема да биде „толку комплициран“ и преговорите би можеле да се завршат „доста брзо“, под услов Исланѓаните да гласаат за нивно продолжување на референдумот.
На прашањето дали Исланд може да ги престигне кандидатите кои најдалеку напреднале во преговорите, како што е Црна Гора, и да стане 28-та членка на ЕУ, Гунарсдотир одговори потврдно. Сепак, таа додаде: „Најголемиот проблем, секако, ќе биде риболовот“.
Исланд аплицираше за членство во ЕУ во 2009 година во услови на финансиска криза, но ги замрзна преговорите во 2013 година поради спорови околу политиката за рибарство и променетите економски околности. Тој официјално ја повлече својата кандидатура во 2015 година.
Пред прекинот, Рејкјавик затвори 11 од 33 преговарачки поглавја, кои Црна Гора успеа да ги надмине само во последните неколку месеци. Неименуван функционер на ЕУ минатиот месец изјави за Политико дека само една година може да биде доволна за да се завршат преговорите со Рејкјавик.
Гунарсдотир предупреди дека дури и ако граѓаните го поддржат продолжувањето на преговорите во август, ќе треба да се одржи уште еден референдум по завршувањето на преговорите.
Според министерката, во време на „геополитички турбуленции“, предностите од приклучувањето кон блокот сè повеќе доаѓаат до израз. „Исто така е многу важно за нашите компании и индустрии да им осигураме безбедно засолниште и заштита во рамки на Унијата“, рече таа.
Таа нагласи дека Исланд ќе има и економски и безбедносни придобивки од членството. „Секогаш имаме повисока инфлација и каматни стапки од другите европски земји. Покрај тоа, има премногу монопол во економијата“. Таа додаде дека Европската Унија ќе има корист и од влегувањето на геостратешки важниот и богат Исланд во нејзиниот состав.
Со референдумот во август, „ние им даваме моќ на луѓето“, рече Гунарсдотир. „Би рекла дека би било корисно и за Исланд и за Европската Унија да преговараат сега, не за две години или којзнае кога, туку токму сега“, заклучи таа.






