Средбата била „исклучително блиска“, објави Си-ен-ен, повикувајќи се на американските власти.
Изворите ги опишале руските маневри како „небезбедни и непрофесионални“.
Таквите интеракции не се ретки меѓу САД и Русија, но оваа доаѓа во особено чувствителен момент и среде зголемена загриженост за какви било инциденти или погрешни проценки, јавува Ројтерс.
Руските авиони се приближиле на група од три патролни авиони П-8А на американската морнарица додека летале во меѓународниот воздушен простор над Медитеранот.
„Иако никој не е повреден, интеракциите како овие би можеле да резултираат со погрешни проценки и грешки кои водат кон поопасни исходи“, кажа портпаролот на Пентагон Мајк Кафка.
Тој за Си-ен-ен изјави дека преку дипломатски канали им ја изразиле загриженоста на руските власти.
Иако САД соопштија дека нема да праќаат американски трупи во Украина ако Русија ја нападне, Вашингтон испрати илјади дополнителни војници во Источна Европа.






