„Не вели ли Трамп дека ја уништил иранската морнарица? Ако има храброст, неговата морнарица нека влезе во Ормускиот теснец и Персискиот Залив“, изјави во неделата портпаролот на ИРГЦ.
ИРГЦ, или Корпусот на Иранската револуционерна гарда, е елитна воена организација основана по Исламската револуција во 1979 година. Таа работи паралелно со редовната иранска војска и игра клучна улога во одбраната на режимот, како и во иранските операции во странство. САД ја сметаат ИРГЦ за терористичка организација, а оваа сила има силно влијание во иранската политика и економија.
Трамп во последните денови постојано тврди дека американските и израелските напади ги уништиле воените капацитети на Иран. Во објавите на социјалните мрежи и јавните настапи, тој рече дека морнарицата и воздухопловните сили на Иран се „исчезнати“ и дека ракетите, беспилотните летала и други воени средства се уништени, објави АП.
Во исто време, Ормускиот теснец – клучен морски премин низ која минува околу една петтина од светската трговија со нафта – е практично затворен за сообраќај на танкери од почетокот на војната. Иран напаѓаше бродови и се закануваше дека ќе го минира водниот пат, додека Трамп најавува дека ќе испрати воени бродови за да го обезбедат преминот и повторно да ја отворат рутата.






