Иранските власти на 8 јануари го блокираа пристапот до интернет во земјата, како одговор на масовните протести низ Иран, освен краткотраен пристап денеска во некои делови од Иран.
Иранците влегуваат во Турција без визи, па за оние што живеат на северот на земјата, или имаат средства да патуваат од подалечни подрачја, кратките патувања преку границата беа заобиколно решение.
Некои изјавија за агенцијата Асошиејтед прес дека го финансирале патувањето со продажба на стоки како цигари и чај, кои во Иран се евтини, а постигнуваат повисока цена во Турција.
Сами Ранџбар од Техеран, кој во петокот се враќаше од Турција во Иран, изјави дека се занимава со онлајн продажба и дека престојувал во Ван четири дена за да ја заврши работата.
„Мојата работа зависи од интернетот, па затоа сум принуден да дојдам овде за да ја завршам работата, а потоа да се вратам во Иран за да видам како се менуваат условите. Ако интернетот се врати, ќе останеме, ако не, ќе бидеме приморани повторно да излеземе од Иран за да користиме интернет и да одиме во соседните земји или некаде на друго место“, рече Ранџбар.
Али, кој од безбедносни причини не го откри целосното име, денеска се враќа во Техеран, по четиридневен престој во Турција.
Тој рече дека дошол со својот брат, на кого му бил потребен интернет бидејќи се пријавувал на универзитет.
„Многу од нашите пријатели се уапсени во Иран, а некои од нив се убиени. Но мораме да се вратиме, бидејќи таму имаме семејства и работни места“, изјави Али.
Во репресијата врз демонстрантите загинале најмалку 3.095 лица, од кои повеќе од 2.800 демонстранти, наведува независната мрежа за заштита на човековите права ХРАНА, со седиште во САД.
Жителите на подрачјето на североисточен Иран во близина на граничниот премин се конзервативни, со големо население од етнички Турци и Азери.
Многу ирански патници кои доаѓаат од север рекоа дека протестите во Техеран и другите области немаат никаква врска со нив, а некои ги повторија тврдењата на иранската влада дека немирите биле предизвикани од САД и Израел.
„Вистина е дека луѓето имаат финансиски проблеми. Но, тоа е поради работите што ги прават Америка и Израел“, изјави за Асошиејтед прес Милад Солејмани, кој отпатувал во Турција од иранскиот град Катур, осум километри од граничниот премин, за да пазари.






