сабота, 28 февруари 2026

Иран: Во напад на училиште за девојчиња загинаа 60 деца (ВИДЕО)

Најмалку 60 лица, вклучувајќи ученички, загинаа, а 80 се повредени во израелски напад врз основно училиште за девојчиња во јужниот ирански град Минаб.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Иранската државна телевизија ИРИБ, повикувајќи се на локален функционер од покраината Хормозган, објави дека училиштето било директно погодено. Засега нема повеќе детали за нападот, пренесува агенцијата Анадолија.

Портпаролот на министерството, Хосеин Керманпур, напиша на платформата Икс дека 60 деца се убиени во израелските напади утрово. Тој додаде дека уште 80 лица се повредени и дека непознат број деца се закопани под урнатините.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави на мрежата Икс дека „овие злосторства против иранскиот народ нема да останат без одговор“.

Нападот врз училиштето беше дел од поширока воена операција што ја започнаа САД и Израел против Иран рано утрово. Официјалната цел на нападот беше да се елиминира заканата што ја претставува иранскиот режим. Во одделни видео пораки, американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху посочија дека ја поддржуваат промената на режимот во Техеран.

Иран ги осуди нападите како кршење на суверенитетот, ветувајќи одговор и започна контранапади. Ескалацијата доаѓа во чувствителен момент, бидејќи Оман посредува во преговорите меѓу Вашингтон и Техеран за нуклеарната програма на Иран. Последната рунда преговори се одржа во Женева во четвртокот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ