понеделник, 23 февруари 2026

Иран потпиша таен договор за оружје со Русија

Иран потпиша таен договор за оружје со Русија во вредност од 500 милиони евра за набавка на илјадници напредни ракети, што рачно се лансираат. Договорот бил потпишан во Москва во декември, но дури сега е објавен, објави Фајненшл тајмс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според договорот, Русија се обврзала да испорача 500 преносни лансирни системи „Верба“ и 2.500 ракети 9M336. Испораките треба да се вршат во три фази, од 2027 до 2029 година. Извештајот на „Фајненшл тајмс“ се повикува на протечени руски документи и на изјави на неколку лица запознаени со договорот.

Се вели дека договорот бил склучен од рускиот државен извозник на оружје „Рособоронекспорт“ и претставникот на Министерството за одбрана и логистика на вооружените сили на Иран (МОДАФЛ) со седиште во Москва. Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите.

Според документите во кои увид имал Фајненшл тајмс, Техеран поднел официјално барање за набавка на системите минатиот јули. Ова се случува еден месец откако американските сили извршија напади врз три големи ирански нуклеарни објекти во јуни минатата година.

Американскиот претседател Доналд Трамп тогаш тврдеше дека клучни објекти се уништени, но прелиминарната проценка на американските разузнавачки служби сугерираше поинаку.

Според нив, нападите не ги уништиле нуклеарните капацитети на Иран, туку само го вратиле развојот на програмата за неколку месеци. Иранските власти оттогаш постојано изјавуваат дека земјата се опоравила од штетата и дека нејзините капацитети сега се поголеми од кога било.

Русија и Иран имаат договор за стратешко партнерство, кој не вклучува клаузула за меѓусебна одбрана. Како дел од соработката, руска корвета и иранската морнарица одржаа заеднички воени вежби во Оманскиот Залив претходно овој месец, соопшти руското Министерство за одбрана.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ