„Се согласувам да ги запрам бомбардирањата и нападите врз Иран две недели“, напиша американскиот претседател на својата платформа Трут соушл малку повеќе од еден час пред да истече ултиматумот, по разговорите со пакистанските медијатори, кои први понудија таква идеја.
„Врз основа на моите разговори со премиерот Шехбаз Шариф и фелдмаршалот Асим Мунир од Пакистан, во кои тие ме замолија да ја сопрам деструктивната сила што се испраќа во Иран вечерва, и под услов Исламската Република Иран да се согласи на целосно, итно и безбедно отворање на Ормускиот теснец, се согласувам да ги сопрам бомбардирањата и нападите врз Иран за период од две недели. Тоа ќе биде двострано примирје“, рече Трамп во пораката.
„Причината за ова е што веќе ги исполнивме и надминавме сите воени цели и постигнуваме многу добар напредок кон конечен договор за долгорочен мир со Иран и мир на Блискиот Исток“, додаде американскиот претседател.
Тој ја заврши својата порака велејќи: Во име на Соединетите Американски Држави, како претседател, а воедно и како претставник на земјите од Блискиот Исток, чест ми е што овој долгогодишен проблем е близу до решение.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф побара од завојуваните страни во американско-израелско-иранската војна да дозволат двонеделен прекин на огнот за да „ѝ се овозможи на дипломатијата да најде начин за завршување на војната“, објави Си-ен-ен.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека преминувањето низ Ормускиот теснец ќе биде дозволено во следните две недели, под надзор на иранската војска и под услов израелско-американските напади целосно да запрат во тој период.
Арагчи додаде во порака на социјалните мрежи дека Иран се согласил да преговара со Американците во текот на тие две недели – во Исламабад.
Иранскиот министер го напиша ова откако американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл изјави дека го прифатил предлогот на Пакистан за двонеделен прекин на огнот, под услов Иранците целосно да го отворат Ормускиот теснец.
Пакистан, Египет, Турција и Саудиска Арабија се посредници меѓу завојуваните страни во конфликтот.
Во текот на вечерта, пред да истече ултиматумот, САД во воздушни напади погодиле два моста и железничка станица во Иран, објави Асошиејтед прес, американските сили наводно погодиле и воена инфраструктура на островот Харг, клучен центар за иранско производство на нафта.
Заканите на Трамп за уништување на цивилната инфраструктура во Иран беа осудени во вторникот од лидерите на Обединетите нации, како и од папата Лео XIV.






