Екипите за спасување вложуваат огромни напори за да стигнат до оддалечените области кои поради уништените патишта и прекинатите комуникациски врски целосно се отсечени од светот. Властите стравуваат дека бројот на жртви ќе продолжи да расте. Драматичните снимки од местото на настанот прикажуваат спасувачи кои се пробиваат низ кал до половината, додека стотици полицајци, војници и локални жители со голи раце и со лопати раскопуваат рушевини. Нивните напори дополнително ги отежнува силниот дожд што не престанува да паѓа.
Во покраината Ачех, поплавените патишта оневозможија тешка механизација да стигне до планинските села погодени од лизгање на земјиштето и камења.
Монсунските дождови во текот на изминатата недела предизвикаа излевање на реките во покраината Северна Суматра. Поплавите ги зафатија планинските села, носејќи сè пред себе и поплавувајќи илјадници домови, соопшти Националната агенција за управување со катастрофи.
Авиони доставуваат помош и залихи во најтешко погодениот округ Централен Тапанули. Катастрофата силно го погоди и округот Агам во Западна Суматра, каде што најмалку 76 лица ги загубија животите.
Landslides and floods caused by heavy rainfall in the Sibolga, North Sumatra, Indonesia 🇮🇩 pic.twitter.com/XAY65k6bOs
— Disaster News (@Top_Disaster) November 25, 2025
Индонезија, архипелаг со повеќе од 17.000 острови, често се соочува со поплави и свлечишта за време на дождовната сезона, која трае од октомври до март. Милиони луѓе живеат во планински области или во близина на плодни рамнини што се поплавуваат, што ги прави особено ранливи.
Оваа катастрофа се случува само една недела откако речиси 1.000 луѓе од три села на островот Јава беа принудени да ги напуштат своите домови поради ерупцијата на вулканот Семеру, највисокиот на островот.






