понеделник, 9 февруари 2026

Индија ѝ сврти грб на руската нафта поради трговскиот договор со САД

Индиските рафинерии избегнуваат да купуваат руска нафта за априлските испораки и се очекува да продолжат да го прават тоа уште некое време, според извори од индустријата за рафинирање и трговија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Овој потег би можел да му помогне на Њу Делхи да склучи трговски договор со Вашингтон, со кој во петокот се приближија кон договор за кој се надеваат да го финализираат до март, со кој ќе се намалат тарифите и ќе се продлабочи економската соработка, објави Ројтерс.

Трговец кој ги контактирал рафинериите потврди дека „Индијан оил“, „Бхарат петролеум“ и „Релајанс индустрис“ не прифаќаат понуди за товарење руска нафта во март и април. Сепак, извори од рафинеријата велат дека компаниите веќе договориле некои испораки на руска нафта за март, додека повеќето други рафинерии веќе престанале да купуваат руска сурова нафта.

Трите наведени рафинерии и Министерството за нафта не одговорија на барањата за коментар. Министерот за трговија на Индија во саботата го упати прашањето за руската нафта до Министерството за надворешни работи. „Диверзификацијата на нашите енергетски извори, во согласност со објективните пазарни услови и меѓународните случувања, е во срцето на нашата стратегија“ за да се обезбеди енергетска безбедност за најнаселената земја во светот, изјави портпарол на Министерството за надворешни работи.

Иако во заедничката изјава на САД и Индија за трговската рамка не се споменува руската нафта, американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече царините од 25% за индиските стоки, воведени заради купување руска нафта, бидејќи како што наведе Њу Делхи „се обврзал да го запре директниот и индиректниот увоз“ на руска нафта.

И покрај ова, Њу Делхи официјално не објави планови за суспендирање на увозот. Во наредбата на Трамп се наведува дека американските претставници ќе ја следат ситуацијата и ќе препорачаат повторно воведување царини доколку Индија продолжи да купува нафта од Русија.

Индија стана најголем купувач на руска сурова нафта по намалени цени по руската инвазија на Украина во 2022 година, што предизвика западни санкции насочени кон енергетскиот сектор на Русија. Но, извори минатиот месец изјавија дека Индија се подготвува да го намали увозот на руска нафта под 1 милион барели дневно до март, со цел количините на крајот да се намалат на 500.000 до 600.000 барели дневно. Тоа е значителен пад од просекот од 1,7 милиони барели дневно минатата година и врвот од 2 милиони барели дневно во средината на 2025 година.

Увозот на руска нафта во Индија, трет најголем потрошувач и увозник во светот, падна во декември на најниско ниво во две години. Иако ги намалуваат купувањата на руска нафта, индиските рафинерии набавуваат повеќе од земјите на Блискиот Исток, Африка и Јужна Америка. Изворите велат дека индиските рафинерии би можеле да ги променат своите планови и да нарачаат руска нафта само ако добијат препорака од владата.

Еден од редовните купувачи е приватната рафинерија „Најара“, поддржана од Русија, која се потпира исклучиво на руска нафта за својата фабрика со капацитет од 400.000 барели дневно. Сепак, извор запознаен со работењето на компанијата рече дека и „Најара“ исто така не планира да увезува руска нафта во април поради едномесечно запирање за одржување. „Најара“ не одговори на барањето за коментар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ