Апелот, кој ја осудува агресијата на Путиновиот режим и повикува на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на украинската држава, досега е потпишан од 4.750 руски научници, интелектуалци, новинари и академици. Меѓу нив се и повеќе членови на Руската академија на науките и добитникот на Нобеловата награда за физика во 2010 година, Константин Новоселов. Отвореното писмо го пренесуваме во целост.
„Ние, руските научници и научни новинари, изразуваме силен протест против непријателството што вооружените сили на нашата земја го започнаа на територијата на Украина. Овој кобен чекор води до огромни човечки загуби и ги поткопува темелите на постоечкиот систем на меѓународна безбедност. Одговорноста за започнување нова војна во Европа во целост лежи на Русија.
Нема рационално оправдување за оваа војна. Обидите да се искористи ситуацијата во Донбас како изговор за започнување воена операција не влеваат никаква доверба. Јасно е дека Украина не претставува закана за безбедноста на нашата земја. Војната против Украина е неправедна и целосно бесмислена.
Украина беше и останува земја блиска до нас. Многумина од нас имаат роднини, пријатели и колеги кои живеат во Украина. Нашите татковци, дедовци и прадедовци се бореа заедно против нацизмот. Започнувањето војна поради геополитичките амбиции на раководството на Руската Федерација, поттикнато од сомнителни историозофски фантазии, е цинично предавство на нивните сеќавања.
Ја почитуваме украинската државност заснована на вистински функционални демократски институции. Со разбирање го прифаќаме европскиот избор на нашите соседи. Убедени сме дека сите проблеми во односите меѓу нашите земји можат да се решат по мирен пат.
Почнувајќи ја војната, Русија се осуди на меѓународна изолација, на позиција на земја на отпадници. Тоа значи дека ние, научниците, повеќе нема да можеме нормално да си ја вршиме работата. Конечно, спроведувањето научни истражувања е незамисливо без целосна соработка со колеги од други земји. Изолацијата на Русија од светот значи натамошна културна и технолошка деградација на нашата земја и целосно отсуство на позитивни перспективи. Војната со Украина е чекор кон ништо.
Огорчени сме поради сознанието дека нашата земја, која даде одлучувачки придонес во победата над нацизмот, сега стана иницијатор за нова војна на европскиот континент. Бараме итно запирање на сите воени операции насочени против Украина. Бараме почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на украинската држава. Бараме мир за нашите земји. Се занимаваме со наука, а не со војна!“, стои во отвореното писмо.






