сабота, 28 март 2026

Хутите се вклучија во војната: „Погодивме чувствителни цели“ на Израел

Јеменските Хути, сојузници на Иран, ја презедоа одговорноста за својот прв напад врз Израел од почетокот на војната на Блискиот Исток, само неколку часа откако израелската војска објави дека забележала лансирање ракета од Јемен, јавува Франс прес.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Хутите еден ден претходно се заканија дека ќе се вклучат во конфликтот предизвикан од американско-израелската офанзива против Иран на 28 февруари.

Портпаролот на Хутите, Јахја Сари, во видеоснимка објавена на социјалната платформа Икс изјави дека движењето ја извело својата „прва операција“ против Израел и погодило „чувствителни непријателски воени објекти“ во напад со балистичка ракета.

Израелската војска претходно денес соопшти дека ја активирала својата противвоздушна одбрана откако „забележала лансирање ракета од Јемен кон израелска територија“.

Хутите заедно со либанскиот Хезболах, палестинскиот Хамас и проиранските вооружени групи во Ирак се дел од неформалната коалиција што Иран ја нарекува „оска на отпорот“ против Израел.

„Подготвени сме за директна воена интервенција во случај на нов сојуз на Соединетите Американски Држави и Израел против Иран, непријателски операции против Иран или против која било муслиманска земја во регионот на Црвено Море и продолжување на ескалацијата против Исламската Република Иран“, изјави Сари во видеото објавено вчера.

Хутите, кои контролираат голем дел од Јемен, изведоа многубројни напади врз Израел и комерцијални бродови во Црвено Море за време на војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа во периодот од 2023 до 2025 година.

Нивните напади со балистички ракети и беспилотни летала значително го нарушија сообраќајот во стратегискиот поморски премин, кој сега особено го користи Саудиска Арабија за извоз на нафта, избегнувајќи го Ормускиот теснец, каде што Техеран го блокира сообраќајот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ