Порталот Билд.ба, кој е близок на босанската ХДЗ, го објави нацрт заклучокот подготвен за вонредната седница на Хрватскиот народен сабор на БиХ за денес во Мостар.
Не е исклучено документот да биде доработен, но рамката е усогласена, потврдија неименувани избори од ХНС кој обединува петнаесет хрватски партии, пренесува Индекс.
Политичката организација на босанскохерцеговските Хрвати вели дека е за продолжување на разговорите за изборна реформа со претставниците на бошњачките партии и меѓународната заедница, бидејќи постоечкиот изборен закон е „антидејтонски и не е уставен“.
Во такви околности не можат да се одржат изборите предвидени за октомври оваа година, соопшти ХНС, додавајќи дека не ја исклучуваат можноста за бојкот.
Хрватските партии не исклучуваат ни почнување „правна и политичка процедура за нова институционална и територијална организација на БиХ со која ќе обезбедат целосна уставна еднаквост на трите конститутивни народи“ во случај Бошњаците на Хрватите повторно да им наметнат политички претставници во Домот на народите на парламентот на Федерацијата БиХ и колективното Претседателство на државата.
Сите бошњачки партии кои евентуално ќе учествуваат во тоа партиите од ХНС на БиХ ќе ги сметаат за узурпатори на хрватската позиција и повеќе нема да соработуваат со нив, се наведува во заклучоците.
На неодамнешните преговори на хрватските и бошњачките партии во Неум, со посредство на САД и ЕУ, и подоцна во Сараево не се постигна договор на начинот на бирање претставници во Домот на народите и членовите на Претседателството.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и претседателот Зоран Милановиќ се заложија за одложување на изборите во БиХ и продолжување на преговорите, противејќи се на продолжувањето на праксата на прегласување на Хрватите во БиХ.






