Помошникот на главниот директор на полицијата и началник на управата на криминалистичката полиција Антонио Геровац ги извести медиумите дека српската полиција направила апсолутно сè што било во нејзина моќ за да се најде исчезнатото момче, по кое се трага веќе 12 дена.
Според него, министерот за внатрешни работи на Србија Александар Вулин им пружил на хрватските полициски службеници увид во сите документи и им го објаснил целиот тек на истрагата, за која Геровац кажа дека е спроведена на најдобар можен начин.
„Со сè што е досега собрано, исчезнувањето на Матеј не укажува дека е последица на какви било насилни дејства“, кажа хрватскиот полициски функционер, додавајќи дека и понатаму сите се надеваат дека момчето од Сплит ќе биде најдено живо. Српската полиција, како што истакна, има верзија на неговото исчезнување, но дека за тоа сега не може да зборува.
„Српската полиција завршила одлична работа во следењето на Матеј Периш, секој дел и секоја секвенца на неговото движење е покриена до водата, тоа се часови и часови материјал. Многу снимки сè уште се изоструваат и прегледуваат“, кажа тој и додаде дека на состанокот со Вулин и другите полициски функционери присуствувал и таткото на исчезнатиот Матеј, Ненад Периш.
На прашањето дали снимката на влегувањето во вода, објавена во медиумите, е автентична, хрватскиот полициски функционер кажа дека е автентична, но дека никој не може со стоотстотна сигурност да каже дека на снимката е Матеј.
Засега, како што кажа, движењето на момчето од Сплит српската полиција целосно го реконструирала, од моментот на влегувањето во Србија и тука нема никакви дупки. „Српската и хрватската полиција сега ќе се фокусираат на пријателите, во рамки на разјаснувањето на околностите околу тоа што се случило во самиот клуб“, кажа Геровац и додаде дека хрватската полиција во тоа ќе им помогне на колегите од Србија.
„Оние со кои соработува хрватската полиција се најголеми професионалци кои Србија и Белград ги имаат, сета расположлива техника е вклучена во потрагата по Матеј, и понатаму се пребарува реката, ги алармираа сите околни земји. Апсолутно сè направија“, истакна тој.
Матеј Периш исчезна ноќта меѓу 30 и 31 декември кога истрчал од клубот „Готик“ во Белград и од тогаш му се губи секоја трага.






