Поради случаи на делта варијантата кај луѓе, поврзани со работничка во продавница за миленичиња, стотици животни се тестирани, при што 11 хрчаци биле позитивни.
Министерката за здравство на Хонг Конг, Софија Чан, на прес-конференција истакна дека нема докази дека домашните животни може да ја пренесат болеста на луѓето, но властите сепак од претпазливост ќе го забранат увозот и продажбата на домашни миленици глодари.
„Сопствениците на домашни миленици треба да одржуваат добри хигиенски практики, вклучително и миење на раце по допирање на животните, ракување со нивната храна или други предмети и да избегнуваат бакнување со животните“, им рече на новинарите директорот за земјоделство, рибарство и заштита Леунг Сиу Фаи Леунг.
„Ако граѓаните имаат хрчаци, треба да ги чуваат дома. Не ги носете надвор“, додаде тој.
Собрани се стотици животински примероци, вклучувајќи зајаци и чинчили, но само хрчаците досега биле позитивни. „Поради претпазливост ќе преземеме превентивни мерки против сите можности за пренос што не можеме да ги исклучиме“, рече Чан.
По три месеци без локален пренос, Хонг Конг оваа година има десетици нови случаи кај луѓе, што предизвика нови ограничувања на летови и во општествениот живот. Илјадници луѓе се ставени во карантин. Повеќето од новите случаи се однесуваат на високо заразната нова омикрон варијанта, иако кластерот што води до работничката во продавницата за миленичиња била делта варијанта.
Леунг рече дека околу 2.000 хрчаци во 34 продавници за домашни миленици и магацини ќе бидат „хумано усмртени“. Секој што купил хрчак по 22 декември 2021 година, треба да го предаде на властите на усмртување и да не го остава на улица, додаде тој.
Се воспоставува и телефонска линија за прашања за ковид-19 поврзани со хрчаци.






