„За систематското и широко распространето екстремно насилство од холандска страна тие години и доследното гледање на страна на претходните влади, длабоко му се извинувам на народот на Индонезија денес во име на владата“, кажа Руте вчера, 17 февруари, во Брисел.
Истакна дека владата презема целосна одговорност за „колективниот неуспех“.
Воените злосторства во тогашната колонија холандска Индија премолчено ги толерираше политичкото и военото раководство, се наведува во студијата на три холандски истражувачки институти, најсеопфатната студија од тој вид објавена вчера.
Владата во Хаг тврдеше дека имало само изолирани напади и дека војската генерално се однесувала коректно. Истражувачите заклучиле дека тоа повеќе не е кредибилен став бидејќи, според нивните наоди, на сите нивоа војската била спремна да ги игнорира „пишаните и непишаните норми на законот“.
Се проценува дека во војната биле убиени повеќе од 100.000 Индонезијци и околу 5.000 Холанѓани.
Еден од шефовите на истрагата, Герт Остинди, вчера на холандското радио зборуваше за широкиот спектар насилства: „Мачење, малтретирање при испрашување, пукање во заробени војници и цивили без судење, палење села“.
Индонезија прогласи независност по речиси 350 години колонијално владеење, на крајот на Втората светска војна, по што Холандија испрати трупи во југоисточна Азија.
Извештаите за насилството и масакрите беа присутни веќе подолго време, но владата нарача стручна истрага дури во 2017 година.
Студијата ја спровеле Кралскиот институт за студии на југоисточна Азија и Карибите (КИТЛВ), Холандскиот институт за воена историја (НИМХ) и Институтот за студии на војна, холокаустот и геноцид.






