Во Парламентот на Турција денеска дојде до тепачка меѓу претставниците на владејачката Партија на правда и развој (АКП) и опозициската Републиканска народна партија (ЦХП) за време на полагањето заклетва на новиот министер за правда Акин Гурлек, седницата во неколку наврати беше прекината.
Инцидентот се случил кога, како што пренесува турски Хуриет, Гурлек пристапил до говорницата да положи заклетва, по што пратениците на ЦХП се приближиле до говорницата, а пратениците на АКП возвратиле, што довело до физичка пресметка.
Во инцидентот физички се судрија пратеникот на АКП од Анкара Осман Гокчек и пратеникот на ЦХП од Шанлијурфа, Махмут Танал, турските медиуми наведуваат дека на Танал наводно му е скршен носот.
#Turkey’s parliament today looked more like a professional wrestling match than a deliberative body. pic.twitter.com/kBk7UFJYgF
— Michael Freund (@msfreund) February 11, 2026
Претходно, заменик-шефот на пратеничката група на ЦХП, Мурат Емир, оцени дека назначувањето на Гурлек за министер за правда е неуставно, наведувајќи дека судиите и обвинителите, доколку не поднеле оставка, не можат да се занимаваат со политика. Заменик-шефот на парламентарната група на АКП, Абдулхамит Ѓул, ги отфрли тие тврдења, нагласувајќи дека постапката е во согласност со Уставот и деловникот, како и дека министрите мора да дадат заклетва пред парламентот.
Потпретседателот на Собранието Бекир Боздаг ги прочита соодветните одредби и го покани Гурлек да положи заклетва, по што дојде до туркање и вербални конфликти меѓу пратениците, а потоа седницата беше привремено прекината.
По продолжувањето на седницата, Гурлек положи заклетва опкружен со пратеници на АКП, додека пратениците на ЦХП фрлаа копии од Уставот кон говорницата.
ЦХП соопшти дека назначувањето на Гурлек, кој претходно ја извршувал функцијата главен обвинител во Истанбул, е „удар врз демократијата и владеењето на правото“, додека владејачката партија рече дека постапката била спроведена во согласност со уставните овластувања.






