понеделник, 22 декември 2025

Хамас: Прекинуваме со јавните егзекуции на членови на сопернички банди и кланови

Хамас им соопшти на медијаторите во преговорите за прекин на огнот дека ќе прекине со јавните егзекуции на членови на сопернички банди и кланови, изјавија арапски претставници за Волстрит џурнал.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Одлуката на терористичката организација е донесена откако медијаторите ѝ кажаа дека Израел може да ги искористи егзекуциите како изговор за да продолжи со борбите во Газа, се вели во извештајот.

Во извештајот не се разјаснува дали одлуката се однесува исклучиво на јавни егзекуции.

Извештаите за лица што се егзекутирани од страна на Хамас и оние за размена на оган со сопернички сили шират немири во Појасот Газа и на други места, само еден ден по потпишувањето на договорот за прекин на огнот со Израел.

Видеата објавени на социјалната мрежа Икс покажаа масовно егзекутирање на околу осум лица на плоштад во Газа, додека настанот е опкружен со голема толпа минувачи. Очевидци изјавија за германската агенција ДПА по телефон дека Хамас ги обвинил егзекутираните за соработка со израелската војска.

Видеата прикажуваат неколку мажи со оружје како редат осум лица чии раце им се врзани зад грб на плоштад пред толпа луѓе. Иако Би-би-си не можел да го потврди идентитетот на маскираните напаѓачи, некои од нив носат зелени ленти на главата, кои се поврзуваат со Хамас.

Малку подоцна, вооружените лица отвораат оган и ги убиваат сите осум лица. Извици „Алаху Акбар“ – Бог е најголем на арапски – може да се слушнат од толпата додека напаѓачите стојат до телата.

Користејќи ги ознаките што се видливи на снимките и споредувајќи го изгледот на улиците со јавните мапи, беше потврдено дека видеото е снимено на главната сообраќајница во градот Газа. Во соопштението, Хамас, без никакви докази, изјави дека егзекутираните мажи биле „криминалци и израелски соработници“.

Внатрешно насилство избувна во Газа по потпишувањето на прекинот на огнот, со извештаи за судири меѓу Хамас и сопернички кланови во рамки на појасот. За време на еден од насилните инциденти, десетици биле убиени кога вооружени членови на Хамас се судриле со членови на семејството Дугмуш, моќен клан од Газа.

Во објава на Фејсбук, член на семејството Дугмуш ги нарече егзекуциите „криминален чин“.

Не е познато како Хамас избира кого да погуби, бидејќи нема фер судења, истакнува ДПА. На видеата, некои од жртвите очигледно биле мачени пред погубувањето, но автентичноста на снимките сè уште не е потврдена.

Според засега непотврдени извештаи, се одржале судења на кои членови на безбедносниот апарат на Хамас изрекле смртни казни.

Американскиот претседател Доналд Трамп само еден ден пред јавното погубување изјави дека Хамас добил зелено светло за внатрешни безбедносни операции во Појасот Газа, велејќи дека групата сака да „ги запре проблемите“ и „ние им дадовме дозвола за одреден временски период“.

Палестинската милитантна група, која според предлогот на Трамп за прекин на војната мора да се разоружа и да престане да управува со Газа, распореди внатрешни безбедносни сили во делови од крајбрежната енклава откако стапи на сила прекинот на огнот, велејќи дека сака да го запре беззаконието и грабежите и да спречи безбедносен вакуум.

Сепак, Трамп подоцна се закани дека САД ќе ги „убијат“ членовите на Хамас ако групата продолжи да убива цивили во Газа.

„Доколку Хамас продолжи да убива луѓе во Газа, што не беше дел од договорот, нема да имаме друг избор освен да влеземе и да ги убиеме“, напиша тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ