Полицијата во неделата соопшти дека осомничените ги искористиле безбедносните ранливости во Ај-пи (интернет протокол) камерите, како што се едноставните лозинки, објави Би-би-си.
Ај-пи камерите, или домашните камери, се поевтина алтернатива на традиционалниот видео надзор. Тие се поврзуваат на домашна интернет мрежа и често се инсталираат за безбедност или за следење на деца и домашни миленици.
Хакираните камери се наоѓале на различни локации, вклучувајќи приватни домови, караоке соби, студија за пилатес, па дури и гинеколошка ординација. Соопштението од Националната полициска агенција на Јужна Кореја открива дека четворицата осомничени дејствувале независно еден од друг и не биле поврзани.
Еден од осомничените е обвинет за хакирање на 63.000 камери и производство на 545 видеа за сексуална експлоатација, кои потоа ги продал за виртуелни средства во вредност од 35 милиони вони (околу 24.000 евра).
Другиот наводно хакирал 70.000 камери и продал 648 видеа за средства во вредност од 18 милиони вони (околу 10.564 евра). Двајцата осомничени биле одговорни за приближно 62% од видеата објавени во текот на изминатата година на веб-страницата што нелегално ги дистрибуирала снимките.
Полицијата работи на блокирање и затворање на веб-страницата и соработува со странски агенции за да го испита нејзиниот оператор. Уапсени се и три лица осомничени за купување и гледање на материјалот.
„Хакирањето на Ај-пи камерите и нелегалното снимање предизвикуваат огромно страдање кај жртвите и затоа се сериозни кривични дела“, рече Парк Ву Хјун, раководител на сајбер истрагите во Националната полициска агенција. „Гледањето и поседувањето нелегално снимени видеа се исто така сериозни кривични дела, па затоа активно ќе ги истражуваме.“
Властите лично ги посетиле или ги известиле жртвите на 58 локации, информирајќи ги за инцидентот и давајќи им упатства за промена на нивните лозинки. Тие исто така им помагаат на жртвите во бришењето и блокирањето на содржината и работат на идентификување на други кои можеби биле засегнати.
„Пред сè, од клучно значење и ефикасно е индивидуалните корисници кои имаат инсталирано Ај-пи камери во своите домови или деловни објекти да останат будни и веднаш и редовно да ги менуваат лозинките за пристап“, се вели во соопштението на Националната полициска агенција.






