Во интервју за Асошиетед прес Гутереш рече дека неговите приоритети, утврдени на 1 јануари 2017 година, кога првпат ја презеде функцијата шеф на ОН, не се променети и дека ќе се залага за справување со глобалните нееднаквости, кризата со ковид и проблемот со глобалното затоплување, како и да остане доследен на својот апел за мир во светот.
„Генералниот секретар на ОН нема моќ. Можеме да имаме влијание. Можам да убедам, можам да посредувам, но немам моќ“, изјави Гутереш, кој на 1 јануари го почна својот втор петгодишен мандат на чело на светската организација.
Запрашан од АП дали мисли дека Русија ќе ја нападне Украина, Гутереш рече:
„Не мислам дека Русија ќе ја нападне Украина и се надевам дека моето верување е точно.“
Забележува дека не верува во воено решавање на проблемите што постојат и дека најрационален начин е тие проблеми да се решаваат со дипломатија и со сериозен дијалог.
Тој исто така рече дека потенцијалната инвазија ќе има „страшни последици“.
„Бевме во контакт со највисоките функционери во Русија“, рече Гутереш, иако ОН, како што нагласува, не се директно вклучени во украинската криза.
Гутереш рече дека пред да стане генерален секретар на ОН, ја замислувал функцијата како „градител на мостови и чесен посредник за да помогне во наоѓањето решенија од корист на сите вклучени страни“.
„Тоа се работи на кои морам да работам секој ден“, рече тој во интервју за АП.
Гутереш рече дека Советот за безбедност на Обединетите нации, кој има овластување да ги одржува меѓународниот мир и безбедност, но и да воведува санкции, е поделен, особено неговите пет постојани членки со право на вето.
Русија и Кина често се во конфликт со САД, Велика Британија и Франција за некои клучни прашања, како што беше случајот вчера кога беа воведени санкции кон Северна Кореја.
Гутереш денеска на Генералното собрание треба да одржи говор пред претставници на 193 членки за неговите приоритети за 2022 година, а издвои три клучни приоритети, за кои вели дека предизвикуваат голема загриженост.
Според него, тоа се недостигот од вакцинација во големи делови од светот, особено во Африка, потребата од намалување на емисиите за 45% оваа деценија и „крајно неправедната“ финансиска состојба во светот, за која вели дека им оди во прилог на богатите земји.






