Гутереш за белгискиот портал Политико изјави дека ја поздравува целта на администрацијата на Трамп да ги финансира и исполни основите на планот за обнова на палестинските домови и инфраструктура во Појасот Газа.
„Постои цел што тој ја дефинираше, а Советот за безбедност ја одобри, ние активно соработуваме со структурите што ги создаде Одборот за мир“, рече Гутереш.
Генералниот секретар, сепак, ги доведе во прашање пошироките амбиции на организацијата, која Трамп ја опиша како алтернатива на она што тој го нарече неуспешни меѓународни институции кога ја основа во септември минатата година.
Гутереш рече дека, освен планот за реконструкција на Газа, не гледа потреба од одборот на Трамп.
“Сѐ останато сега е личен проект на претседателот Трамп, во кој тој има целосна контрола врз сѐ,” оцени тој.
Гутереш додаде дека „ова не е ефикасен начин за решавање на драматичните проблеми што ги имаме сега“.
„Мора да бидеме јасни во врска со меѓународното право, да бидеме јасни во врска со вредностите на Повелбата на Обединетите нации. Тоа е неопходно во секоја мировна иницијатива“, рече тој.
Генералниот секретар ја бранеше улогата на ОН во конфликти како што е кризата во Ормускиот теснец, сугерирајќи дека неговата организација би можела да биде дел од план за деескалација на нападите и заштита на поморскиот пат.
„Мојата главна цел е да видам дали е можно да се создадат услови во Ормускиот теснец слични на оние што (постоеле) во минатото“, рече тој, додавајќи дека ОН е во контакт со клучните актери во Персискиот Залив, како и со Европскиот совет.
Тој додаде дека ОН „формирале работни групи што ќе можат да го сторат ова“.
“Но ние повеќе сакаме да соработуваме директно со САД и со други држави”, заклучи Гутереш.
Трамп тврди дека Одборот за мир би можел да се покаже како „најзначајното меѓународно тело во историјата“.
За постојано членство во Одборот е потребен придонес од милијарда долари, а многу земји од светот, како Велика Британија, Канада, Франција и Германија, останаа настрана, додека Русија и Кина досега одбиваа да се приклучат.






