четврток, 5 февруари 2026

Гутереш: Истекувањето на договорот Нов СТАРТ е сериозен момент за глобалната безбедност

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш изјави дека истекот на договорот Нов СТАРТ е сериозен момент за меѓународниот мир и безбедност и ги повика Русија и САД без одложување да започнат преговори за нова рамка за контрола на нуклеарното оружје.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Договорот Нов СТАРТ, кој истече на полноќ во среда кон четврток, го ограничуваше бројот на стратешки нуклеарни боеви глави што Русија и САД можат да ги распоредат, како и бројот на ракети и бомбардери лансирани од копно и подморница дизајнирани за нивна испорака.

„За прв пат по повеќе од половина век, се соочуваме со свет без никакви обврзувачки ограничувања за стратешките нуклеарни арсенали на Руската Федерација и САД, двете држави кои поседуваат огромно мнозинство од нуклеарното оружје во светот“, рече Гутереш во соопштението.

Тој предупреди дека колапсот на децениските достигнувања во контролата на оружјето се случува во време кога, како што изјави, ризикот од употреба на нуклеарно оружје е највисок во последните неколку децении.

Во исто време, тој истакна дека постои можност за „ресетирање“ и создавање режим на контрола на оружјето прилагоден на променливата глобална средина и ги поздрави изјавите на лидерите на Русија и САД за потребата да се спречи светот да се врати кон неконтролираното ширење на нуклеарното оружје.

„Светот сега очекува од Русија и САД да ги претворат зборовите во дела“, рече Гутереш, повикувајќи ги двете земји без одложување да се вратат на преговарачката маса и да преговараат за договор-наследник што ќе ги врати проверливите ограничувања, ќе ги намали ризиците и ќе ја зајакне заедничката безбедност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ