Тој тврди дека само благодарение на неговата партија „Црна Гора успеала да ѝ одолее на офанзивата на Белград“, која, како што кажа, била „агресивна“.
„Големосрпскиот национализам од Белград сфати дека со победата на нивните миленици е отворена вратата за нова анексија на Црна Гора, овој пат преку проектот „Српски свет“. Тоа не се случи затоа што имавме државно-одговорна опозиција која ја предводеше ДПС“, кажа Ѓукановиќ за Дојче веле.
Собранието на Црна Гора ѝ изгласа во петокот недоверба на владата на Здравко Кривокапиќ, а Ѓукановиќ повтори дека неговата ДПС ќе ја поддржи малцинската влада.
Тој наведе дека ќе ја поддржи секоја влада која го чува граѓанскиот и секуларниот карактер на Црна Гора, ја унапредува мултиетничката демократија и придонесува на динамичниот економски развој, за Црна Гора, како демократски и економски развиена земја, во блиска иднина да биде дел од Европската Унија.
За актуелната политичка сцена во Црна Гора тој кажа дека во тек е „процес на консолидација на власта“ со цел Црна Гора што побрзо да добие одговорна влада.
За досегашната влада на Кривокапиќ кажа дека е „целосно јасно профилирана големосрпска коалиција и ако таа ја определува државната политика, тоа ќе биде многу опасно за Црна Гора“.






