Нестле соопшти дека ја следи ситуацијата и целосно соработува со властите за да ги обезбеди сите потребни информации. Во исто време, фламанската влада во Белгија потврди дека едно дете се разболело во јануари оваа година откако консумирало контаминирана детска формула од Нестле.
„Детето повраќаше и имаше воденаста дијареа, но за среќа целосно закрепна за десетина дена. Со анализа на примероци од столицата на бебето, можевме да потврдиме дека болеста е предизвикана од контаминација со цереулид од производот на Нестле“, рече Јорис Муненс, портпарол на министерството за здравство.
Серискиот број на производот што ја предизвикал болеста во Фландрија е потврден како дел од серијата што се повлекува низ цела Белгија.
Цереулид е токсин отпорен на топлина произведен од бактеријата Бацилус цереус која може да се развие во храната. Најчестите симптоми на можна инфекција се повраќање и дијареја, кои се јавуваат кратко време по консумирањето на млекото, помеѓу 30 минути и три часа. Симптомите се многу слични на оние на стомачен вирус.
Проблемот започна на почетокот на декември минатата година. На 10 декември, Нестле Франција објави повлекување на бебешка формула произведена во фабриката во Нунспет, Холандија, поради сомневање за контаминација со цереулид. Контаминацијата беше откриена кај кинески добавувач на масло АРА (арахидонска киселина), важна состојка во бебешките формули.
Француското Министерство за земјоделство објави дека од крајот на декември 2025 година, сите производители на бебешки формули ширум светот кои користат АРА масло од наведениот добавувач мора да спроведат свои анализи на ризик за да ја осигурат безбедноста на своите производи.
На почетокот на јануари 2026 година, Нестле го прошири повлекувањето на други серии на производи во 60 земји, што го прави едно од најголемите повлекувања во историјата на компанијата, опфаќајќи брендови како што се СМА, Беба, Гигоз и Алфамино.
Во јануари, француската компанија Лакталис исто така ги информираше властите дека ја истражува можноста некои од нејзините серии да содржеле арахидонско масло од истиот добавувач.
По спроведувањето на анализата, Лакталис заклучи дека постои потенцијален ризик и повлече серии од својот бренд Пикот, дистрибуирани во 18 земји. Засегнатите серии биле во продажба од јануари 2025 година, со рок на траење март 2027 година.
Даноне исто така потврди дека повлекува одредени серии поради потенцијална контаминација со цереулид во маслото АРА, првенствено брендот Аптамил и сродни производи низ Европа, Велика Британија и Азија. Повлекувањата беа спроведени и од компаниите Витажермин во Франција и Хохдорф свис нутришн во Швајцарија.






