„По исклучително големата суша во 2021, која околу 19 отсто може да се препише на климатските промени предизвика од човечкото дејствување, периодот од 2000 до 2021 е најсушниот во последните најмалку 800 години“, пишуваат научниците во магазинот Нејчр клајам чејнџ.
Поради високите температури и слабите врнежи од летото 2020 до летото 2021 оваа мегасуша е полоша од онаа која владеела на крајот на 1500-тите, а била најлоша во 1200 години кои научниците ги истражиле, се додава во соопштението на универзитетот УЦЛА во Лос Анџелес.
Од 2000 недостигот од влага во тлото е двојно поголем од која било суша во 20 век. Освен тоа, таквата суша „најверојатно ќе продолжи во 2022, па по траењето ќе се изедначи со мегасушата од крајот на 1500-тите“, се оценува во студијата.
Дури и ако има дожд, последиците би можеле да бидат трајни во областа која се простира од југот на Монтана до северот на Мексико, од Тихиот Океан до Карпестите Планини. „Малку е веројатно дека сушата би можела да престане по само една дождлива година“, коментира главниот автор Парк Вилијамс, географ на УЦЛА.
Како што се наведува во студијата, климатските промени поврзани со човечкото дејствување поради кои топлинските бранови се сè почести и е нарушен дождовниот циклус, се одговорни за 42 отсто од недостигот на влага во тлото во периодот од 2000 до 2021 во таа област и за 19 отсто во 2021.
Таквата хронична суша на западот на САД ја натера сојузната влада во август 2021 првпат да воведе штедење на водата од езерото Мид, најголемата акумулација во земјата изградена на реката Колорадо.






