Во изјава потпишана од 111 организации, вклучувајќи ги Мрси корпс, Норвешкиот совет за бегалци и Рефјуџис интернешнл, организациите предупредија дека масовен глад се шири низ енклавата, додека тони храна, чиста вода, медицински материјали и друга стока стојат недопрени веднаш до Газа, бидејќи на хуманитаарните агенции им е забранет пристап или испорака на истите.
„Додека израелските власти со опсада ги изгладнуваат луѓето во Газа, хуманитарните работници сега се приклучуваат на истите редици за храна, ризикувајќи да бидат застрелани само за да ги прехранат своите семејства. Со целосно исцрпени залихи, хуманитарните агенции се сведоци на тоа како нивните колеги и партнери венеат пред нивните очи“, велат организациите.
„Ограничувањата, доцнењата и фрагментацијата што ги спроведува израелската влада создадоа хаос, глад и смрт под целосна опсада.“
Организациите ги повикаа владите да бараат укинување на сите бирократски и административни ограничувања, отворање на сите копнени премини, обезбедување пристап за сите низ Газа и отфрлање на воено контролираната дистрибуција и враќање на „принципиелниот хуманитарен одговор предводен од ОН“. „Државите мора да преземат конкретни чекори за да ја прекинат опсадата, како што е запирање на трансферот на оружје и муниција“.
Израел, кој ги контролира сите залихи што влегуваат во Газа, негира одговорност за недостигот од храна.
Повеќе од 800 луѓе се убиени во последните недели обидувајќи се да пристапат до храна, главно во масовни пукања од страна на израелски војници стационирани во близина на дистрибутивните центри на Хуманитарниот фонд за Газа. Фондот, кој е поддржан од Соединетите Американски Држави, е жестоко критикуван од хуманитарните организации, вклучувајќи ги и Обединетите нации, поради недостаток на неутралност.
Израелските сили убија речиси 60.000 Палестинци во воздушни напади, гранатирање и пукање откако започна офанзивата во Газа како одговор на нападите на Хамас врз Израел во октомври 2023 година, во кои загинаа 1.200 лица, а 251 лице беше земено како заложник.
Палестинските власти за прв пат од почетокот на војната велат дека десетици луѓе сега умираат од глад. Норвешкиот совет за бегалци за Ројтерс изјави дека залихите за помош во Газа се целосно исцрпени и дека некои од нивните вработени сега гладуваат, а организацијата го обвини Израел дека ја парализира нејзината работа.






