„Нам ни е сосема јасно: во случај Финска и Шведска да одлучат да се приклучат на НАТО, можат да сметаат на нашата поддршка”, рече Олаф Шолц за време на владиниот состанок во палатата Мезеберг во близина на Берлин, на кој беа поканети финската премиерка Сана Марин и шведската премиерка Магдалена Андерсон.
Шолц додаде дека одлуката дали да се приклучат на Атлантската алијанса Финска и Шведска „мора да ја донесат сами“. Германскиот канцелар додаде дека „без разлика на одлуката за членство во НАТО“ Финска и Шведска можат да сметаат на целосната поддршка од Германија.
На покана на германската влада, Марин и Андерсон присуствуваа на редовниот состанок на кабинетот кој повремено се одржува во владината резиденција во замокот Мезеберг северно од Берлин.
Финска и Шведска се повеќе размислуваат за влез во НАТО по рускиот напад на Украина. „Нападот врз Украина драстично го промени нашето безбедносно опкружување“, рече финската премиерка Марин во Мезеберг.
Шведската премиерка Андерсон најави дека нејзината влада на 13 овој месец ќе претстави безбедносна анализа врз основа на која ќе се одржи јавна дебата за евентуален влез во НАТО.






