„Поради тоа е малку необично тоа што руската влада нешто што практично не е на дневниот ред го прави предмет на големи политички проблеми“, кажа Шолц по разговорот со Зеленски во Киев. „Тоа е, на крајот на краиштата, предизвикот со кој всушност се соочуваме. Нешто што воопшто не е проблем сега станува проблем“.
Зеленски истакна дека членството во воениот пакт на Украина би ѝ дало поголемо чувство на сигурност. „За жал, не зависи сè од нас“, кажа тој. Украинскиот претседател укажа на фактот дека тежнеењето кон членство во НАТО е впишано во националниот устав. „Кога таму ќе стигнеме никој не знае, дури ни некои членки на НАТО. Мора да продолжиме по патот кој сме го одбрале“.
Шолц при посетата на Киев ѝ понуди на Украина дополнителни 150 милиони евра помош. Тоа е дополнителна помош покрај заемот од 150 милиони евра кој сè уште не е исплатен, кажа Шолц.
Двајцата лидери разговараа речиси два часа, подолго од предвиденото. „Во многу сериозно време ја посетувам Украина“, кажа Шолц и повтори дека Германија цврсто стои на страната на Киев среде стравувањата од руска инвазија.
Ниедна земја на светот не ѝ дала повеќе финансиска помош на Украина од Германија во изминатите осум години, кажа канцеларот. Во тој период исплатени се над две милијарди евра. Шолц наведе дека од Русија очекува јасни чекори за деескалација на конфликтот, додавајќи дека Германија и нејзините западни сојузници се спремни за сериозен дијалог со Русија за европската безбедност.
„Спремни сме за сериозен дијалог со Русија за европските безбедносни прашања“, кажа Шолц на конференцијата за медиуми. Германскиот канцелар кажа дека Западот е спремен да воведе „многу далекусежни и ефикасни санкции“ ако Русија го загрози територијалниот интегритет на Украина.






