петок, 10 април 2026

Германски генерал: Западен Балкан треба внимателно да се следи, се зголемува влијанието на странски сили

Германскиот генерал Кристијан Фројдинг престојуваше во Босна и Херцеговина само неколку дена по посетата на Доналд Трамп Помладиот, предупредувајќи дека состојбата во земјата и понатаму е кревка поради сепаратистички тенденции и сè поголемо влијание на странски сили.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Фројдинг, кој врши функција инспектор на германската армија и ја советува владата за воени прашања, нагласи дека стабилноста на Балканот е од големо значење за безбедноста на цела Европа. Тој посебно предупреди дека постојните тензии би можеле да бидат искористени од надворешни актери. „Гледаме дека има и други актери кои се обидуваат да остварат влијание во овој регион“, рече тој.

Западните експерти, како што објави Дојче веле, со загриженост го следат растечкото влијание на Русија и Кина, особено во Република Српска. Ова влијание се одразува преку соработка во енергетиката и експлоатацијата на природните ресурси, додека Кина, меѓу другото, испорачува и технологија за надзор.

Како дел од мисијата ЕУФОР Алтеа, Германија моментално има 36 војници во БиХ. Нивната задача е да го следат спроведувањето на Дејтонскиот договор, а преку мрежа од канцеларии и контакти со локалното население и властите, тие служат и како систем за рано предупредување за можни нови кризи.

Вниманието на јавноста го привлече и неодамнешната посета на Доналд Трамп Помладиот, кој престојуваше меѓу босанските Срби. Во Сараево постои загриженост поради сè подобрите односи на Милорад Додик со Соединетите Американски Држави и кругови блиски на претседателот Доналд Трамп, особено откако Вашингтон ги укина санкциите кон него и неговите соработници.

Според медиумските извештаи, синот на Трамп изразил ставови против Европската Унија за време на престојот во БиХ, иако амбасадата на САД нагласи дека станува збор за приватна посета.

Понатаму се наведува дека Додик ангажира лобистичка фирма во САД за да обезбеди политичка поддршка за своите цели, вклучувајќи зајакнување на сепаратизмот, ослабување на државните институции и укинување на државните судови, како и смена на високиот претставник Кристијан Шмит.

Босна и Херцеговина, и покрај тоа што е донекаде маргинализирана поради војните во Украина и Блискиот Исток, сè уште се смета за дел од „проширеното источно крило“, односно област каде што би можеле да се појават индиректни тензии со Русија.

Фројдинг за време на посетата на истокот на Република Српска ги посети и базите на ЕУФОР, нагласувајќи дека е клучно да се има добар увид во ситуацијата „за да можеме да ги прилагодиме или зајакнеме нашите сили доколку е потребно“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ