среда, 1 април 2026

Германија за првпат официјално најави можна криза со гасот

Објавено на

часот

Сподели

Си-ен-ен наведува дека Германија објавила таканаречено рано предупредување на можен недостиг од гас. Станува збор за првото од трите кризни нивоа, кое сè уште не значи дека германската влада ќе го ограничи користењето гас.

„Снабдувањето и понатаму е безбедно, во моментов нема застој, но мораме да ги засилиме нашите мерки на претпазливост за да бидеме спремни во случај на ескалација од Русија“, кажа во соопштение министерот за економија Роберт Хабек.

Со одлуката на Хабек е активирана фазата на готовност во рамки на планот за снабдување со гас во случај на криза, кој предвидува штедење на гасот, обезбедување набавка и снабдување на домаќинствата со доволно количество гориво. „Тоа значи дека сите потрошувачи на гас, од претпријатијата до домаќинствата, мора да ја намалат потрошувачката што е можно повеќе“, кажа министерот, додавајќи дека е „важен секој киловат час“.

Готовноста вклучува формирање кризен тим кој ќе ја анализира и оценува состојбата во снабдувањето за да се утврди дали треба да се преземат дополнителни мерки за да се подобри безбедноста на снабдувањето.

Русија минатата недела објави дека ќе прифаќа само плаќање во рубли од земјите кои ги означи како непријателски, заканувајќи се со прекин на испораките.

Шефот на регулаторот за дистрибуциски мрежи Клаус Малер напиша на Твитер дека целта на објавувањето на готовноста за криза е да се избегне влошување на состојбата во снабдувањето, повикувајќи ги граѓаните и компаниите да бидат спремни за „сите сценарија“.

Германија покрива 30 отсто од побарувачката за гас со увоз од Русија, на која западните земји ѝ воведоа строги санкции поради нападот на Украина. Европа и понатаму купува руски гас, но сака да ја намали зависноста.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ