четврток, 5 февруари 2026

Германија „со полна брзина“ ја прифаќа вештачката интелигенција, дигиталната трансформација е „клучна“, вели министер

Дигиталната промена е клучна, а вештачката интелигенција ќе биде пресудна за иднината на Германија, рече Карстен Вилдбергер, германски министер за дигитална трансформација и модернизација на владата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Зборувајќи на Светскиот самит на влади во Дубаи, на кој се собираат светски лидери и експерти за технологија, Вилдбергер нагласи дека вештачката интелигенција и дигитализацијата се во срцето на дискусиите за иднината, пренесува Јуроњуз.

Министерот Вилдбергер нагласи дека Германија напредува во модернизацијата на владините услуги, а воедно ја проширува и употребата на вештачката интелигенција.

„Ја прифаќаме со полна брзина“, рече тој. „Би рекол дека вештачката интелигенција е следната технологија што може да ни овозможи да направиме голем скок напред, и токму тоа го правиме. Затоа нашироко ја користиме во владата и сакаме да го забрзаме овој процес“.

И покрај напредокот, тој рече дека е потребна уште работа за да се направат законите и прописите „попријателски настроени кон иновациите“. „Ги направивме првите чекори, но би сакал да направиме многу повеќе“, додаде Вилдбергер.

Неговите коментари доаѓаат во неделата кога Германија отвори подземна фабрика за вештачка интелигенција во Минхен, со цел земјата да изгради своја суверена индустрија во оваа област.

Вилдбергер истакна дека Германија има силни предности, вклучувајќи истражување, индустриска експертиза и пристап до податоци, кои се ‘рбетот на вештачката интелигенција.

„Прво, имаме одлични истражувања и врвни истражувачки институти во областа на вештачката интелигенција во Германија, а тоа е предност што ја искористуваме“, рече тој. „Второ, имаме одлични индустрии со огромна експертиза и богатство од податоци. Прашањето е како да се искористи тоа во ерата на вештачката интелигенција?“

Податоците од агенцијата за економски развој „Германска трговија и инвестиции“ покажуваат дека Германија поставила нов рекорд во 2025 година со 3.568 нови стартапи, што е зголемување од 29 проценти во споредба со 2024 година.

Повеќе од една четвртина од сите нови стартапи ја користат вештачката интелигенција како клучен дел од својот бизнис модел. „Постојат многу иновации што доаѓаат „одоздола“ и такви ни требаат уште повеќе“, заклучи министерот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ