„Зад овие кампањи не стои само намерата да се клеветат германските политичари, туку и да се легитимира агресијата против Украина“, вели политикологот Јозеф Холнбургер од берлинскиот Центар за набљудување, анализа и стратегија (ЦеМАС).
Експертите од овој центар веќе некое време ги следат објавите на социјалните мрежи, кои водечки германски политичари, како што се канцеларот Олаф Шолц, министерот за здравство Карл Лаутербах или претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, ги поврзуваат со лица од националсоцијалистичката номенклатура кои наводно се во сродство со политичарите.
„Во објавите кои најмногу се шират преку комуникациската мрежа Телеграм, се шири пропаганда на руската влада, според која не е потребно да се „денацифицира“ само Украина, туку и остатокот од Европа“, вели Холнбургер.
Така, Олаф Шолц се доведува о врска со Фриц фон Шолц, висок офицер на СС трупите. Карл Лаутербах се поврзува со Хартман Лаутербахер, исто така висок офицер на СС, а за Урсула фон дер Лаен се вели дека нејзиниот дедо по Втората светска војна бил осуден на доживотен затвор за воени злосторства.
Според истражувањето на германската новинска агенција дпа, ниту една од овие историски личности не е поврзана со актуелните германски политичари.
„Фриц фон Шолц воопшто немал деца, Карл Албрехт не бил во роднинска врска со Урсула фон дер Лаен, а во случајот со Карл Лаутербах, дури и презимето на поранешниот член на СС не е исто со презимето на актуелниот министер за здравство“, пишува дпа.






