Украинската војска соопшти дека Русија извршила десетици напади долж фронтот во источна Украина во понеделник и напади во текот на ноќта со повеќе од 100 беспилотни летала и покрај европскиот и украински предлог за прекин на огнот.
„Часовникот отчукува“, изјави портпаролот на германската влада на прес-конференција во Берлин. „Сè уште имаме 12 часа до крајот на денот, и ако прекинот на огнот не биде во сила дотогаш, европската страна ќе започне со подготовки за санкции“, додаде тој.
Лидерите на четири големи европски земји отпатуваа во Киев во саботата и повикаа на безусловно 30-дневно примирје кое ќе започне во понеделник.
Рускиот претседател Владимир Путин, кој имплицитно го отфрли нивното барање, наместо тоа предложи директни разговори меѓу Русија и Украина во Истанбул, за кои рече дека потенцијално би можеле да доведат до прекин на огнот. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, од друга страна, изјави дека лично ќе отпатува во Истанбул, каде, како што рече, ќе го чека Путин. Кремљ не одговори на тој последен предлог.
Путин и Зеленски не се сретнале од декември 2019 година, повеќе од две години пред Русија да ја започне својата инвазија на Украина, и не го кријат својот меѓусебен презир.