„Со распоредувањето на војниците на границата со Украина и барањата кои потекнуваат од Студената војна, Русија ги доведува во прашање суштинските принципи на европскиот мировен поредок“, кажа германската министерка и додаде дека Русија треба да вложи сериозни напори кон смирување на тензиите.
Меѓународните лидери ќе ја одржат од денес до недела годишната конференција посветена на прашањата за одбраната и безбедноста. Годинешниот собир доаѓа во момент на големи тензии меѓу Русија и западните земји кои стравуваат од напад на Москва на Украина.
На тридневниот собир е најавено присуството на потпретседателката на САД Камала Харис, шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и претседателот на Украина Володимир Зеленски.
Русија, чиј министер за надворешни работи Сергеј Лавров редовно доаѓа на годишната конференција, годинава не планира да учествува на собирот.
Германската министерка во тоа отсуство гледа „изгубена прилика“.
„Токму во актуелната, исклучително опасна ситуација, би било толку важно да се сретнеме и со руските претставници“, кажа Бербок.
Шефицата на германската дипломатија ќе претседава утре и со министерската средба на Групата седум индустриски најразвиени земји – Г7. И таа средба ќе биде посветена на Украина.
Состанокот на шефовите на дипломатиите на Германија, Франција, Британија, САД, Јапонија, Канада и Италија ќе биде прилика да се испрати „порака на единство“, кажа Бербок, чија земја во моментов претседава со Г7.






