„Нашите вооружени сили остануваат ангажирани во борбата против тероризмот“, објави Лекорну на Икс, додека беше на новогодишна посета на француските мировни сили на ОН во Либан.
„Во неделата, француските воздушни средства извршија целни напади против ДАЕШ на сириска територија“, додаде тој, користејќи го арапското име за Исламска држава. Министерството за одбрана потврди за АФП дека француските борбени авиони „рафал“ и дроновите „рипер“ од американско производство „фрлиле вкупно седум бомби врз две воени цели на ДАЕШ во централна Сирија“.
Франција припаѓа на меѓународната коалиција Инхерентна Резолуција против Исламска држава од 2014 година во Ирак и 2015 година во Сирија. Француските сили вклучени во операциите се сместени во земјите во регионот, вклучително и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Падот на Асад дојде по шокантната офанзива на сириските бунтовници предводени од радикалните сунити. Набљудувачите стравуваат дека Исламската држава може да го искористи таквиот развој на настаните за да ја врати својата сила. Групата преживеа и во Ирак и во Сирија и покрај уништувањето на нејзиниот таканаречен калифат, кој траеше од 2014 до 2019 година.
Вашингтон во средината на декември објави дека двојно го зголемил бројот на американски војници кои се борат против џихадистите во Сирија на околу 2.000.






