понеделник, 16 март 2026

Франција има план за мир меѓу Либан и Израел

Израел го разгледува францускиот предлог според кој Либан формално би ја признал израелската држава во замена за гаранции дека воздушните напади ќе престанат и дека израелските трупи ќе се повлечат од пет стратешки локации на југот на земјата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за области што се наоѓаат спроти населбите на северниот дел од Израел и каде што израелската армија ги задржала позициите кршејќи го договорот за прекин на огнот од ноември 2024 година, пишуваат израелскиот Хаарец и американскиот Аксиос.

Според извор цитиран од Хаарец, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху сè уште не е одлучен дали да го прифати францускиот план. Весникот додава дека официјални лица во Вашингтон проценуваат дека американското „трпение“ за војната во Либан ќе истече штом ќе заврши „главната“ војна против Иран.

Тоа создава краток временски период за преговори со Либан, чија влада, според Хаарец, веројатно би платила висока дипломатска цена за потег без преседан каков што е официјалното признавање на Израел.

Аксиос објави дека францускиот предлог предвидува Израел и Либан, со посредство на САД и Франција, да започнат преговори за „политичка декларација“. Целта би била да се постигне договор за декларацијата во рок од еден месец.

Тековната војна меѓу Израел и Либан започна на 2 март, откако Хезболах испука ракети во северен Израел. Нападот дојде како одговор на израелските напади врз Иран во кои беше убиен иранскиот врховен лидер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ