Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп објави стратегија за национална безбедност на почетокот на декември, која изненади многумина поради критиките кон Европа, за која во документот се вели дека ѝ се заканува „цивилизациска ерозија“.
„Никој не треба да биде шокиран од она што другите го велат за Европа“, изјави претседателката на Европската комисија во среда во Европскиот парламент во Стразбур, најавувајќи ги приоритетите на претстојниот Европски совет.
Но, ова не би било прв пат „претпоставките за Европа да се покажат како застарени“, нагласи фон дер Лаен, и рече дека континентот не смее да си дозволи да биде обликуван од „туѓите погледи на светот“.
Германката рече дека на претстојниот состанок на лидерите, Европската Унија мора „да се соочи со реалноста на светот“ кој станал „опасен и трансакциски“, полн со „војни и предатори“.
„Ние Европејците мора да се браниме и да се потпреме само на себе. Вчерашниот мир помина, немаме време за носталгија“. Таа призна дека стратегијата на Трамп е исправна кога предупредува дека Европа го губи својот удел во глобалниот БДП. Стариот континент во 1994 година имаше 25 проценти удел во светската економија, а денес 14 проценти, рече претседателката на Комисијата.
Но, она што Вашингтон не го спомена е дека и уделот на САД во глобалниот БДП исто така падна, од 22 проценти во 1994 година на 14 проценти денес, нагласи таа. „Значи, ова не е приказна за економијата од едната страна на Атлантикот, туку за пошироки промени во светската економија“, рече фон дер Лаен, потсетувајќи дека Кина пораснала од четири на 20 проценти во истиот период.
Фон дер Лаен повтори дека Европа мора да преземе целосна одговорност за својата безбедност. „Тоа повеќе не е опција. Тоа е неопходност“, нагласи таа.
Претседателката на Комисијата нагласи дека Европа направила повеќе за својата одбрана оваа година отколку во последната деценија. „Во последните десет години, вложивме осум милијарди евра во фондот за одбрана, а само оваа година ставивме на располагање 800 милијарди евра до 2030 година“, рече таа.






