Состанокот е закажан за 4 февруари во Лувен, Белгија и е отворен за сите членови на Колегиумот, иако присуството не е задолжително, според функционер на Комисијата вклучен во организирањето на настанот.
Според функционер на Комисијата вклучен во организацијата, идејата за собирот дошла по серијата напнати размени меѓу комесарите и растечко незадоволство од доцнењата во доставувањето важни документи до врвните функционери.
Политико разговараше со осум функционери од кабинетите на различни комесари, на кои им беше загарантирана анонимност за да можат отворено да зборуваат за внатрешната динамика во рамките на Комисијата, и го опишаа како „терапевтски состанок“.
Иако главниот фокус на состанокот ќе биде конкурентноста на Европската Унија, со учество на специјалниот гостин, генералната директорка на Меѓународниот монетарен фонд и поранешна потпретседателка на Комисијата, Кристалина Георгиева, на дневен ред се и дискусиите за геополитиката во сегашниот контекст и методите на работа на Европската комисија, изјави заменик-главниот портпарол на Комисијата, Аријана Подеста.
Токму прашањата за работната култура и внатрешните односи беа причина за свикувањето на состанокот, бидејќи персоналот во седиштето на Комисијата во Брисел ја опишува атмосферата како невообичаено напната.
Според четворица претставници на Комисијата, непосредната причина бил напнатиот вербален судир на почетокот на декември, кога комесарот за енергетика, Дан Јергенсен, се соочил со извршната потпретседателка Тереза Рибера за време на состанокот на Колегиумот на комесари. Инцидентот првпат беше објавен од Бриселс плејбук.
Иако двајцата комесари одбија да коментираат за инцидентот, еден извор тврди дека Јергенсен го кренал гласот, додека друг вели дека данскиот комесар ѝ дал на Рибера забелешка „невообичаено сурова за стандардите на Колегиумот“ за време на дискусијата за клучен документ за животната средина. Јергенсен ќе присуствува на состанокот на 4 февруари, додека канцеларијата на Рибера не даде коментар.
Состаноците на целиот Колегиум во новата година не се невообичаени и се одржуваат редовно од 2010 година, но овој пат акцентот е ставен на наоѓање поефикасни методи на работа и спречување на ескалацијата на несогласувања меѓу комесарите.
Описите на состанокот варираат, некои го нарекуваат неформален разговор, додека други го опишуваат како работна група посветена на методите на работа.
Незадоволството меѓу кабинетите расте поради фактот што клучните документи често пристигнуваат само неколку часа пред состаноците на Колегиумот, доцна навечер, за време на викенд или непосредно пред да се презентираат законските предлози. „Ни оневозможува професионално да работиме“, рече еден функционер. „Се случуваат исклучителни ситуации, но ова не може да биде правило.“
Врвот на фрустрацијата бил забележан минатиот јули, за време на презентацијата на долгорочниот буџетски план на ЕУ, кога официјалните бројки наводно им биле доставени на комесарите само неколку часа пред да бидат јавно објавени. Иако кабинетот на Урсула фон дер Лаен го оправда таквиот пристап со обид да се спречи протекување на информации, незадоволството во Колегиумот порасна уште повеќе.
Според еден извор, конфликтот меѓу Јергенсен и Рибера се однесувал и на забрзаното протуркување документи до Колегиумот. Според институционалниот жаргон на Комисијата, извршните потпретседатели мора да „притиснат копче“ за да стават некоја тема на дневен ред. Рибера, соочена со кратки рокови за анализа на таканаречениот еколошки омнибус-пакет, одлучила да почека, што довело до дополнителни тензии.
Тензиите не се ограничени само на тој однос. Проблеми се појавија и меѓу извршниот потпретседател Стефан Сежурне и комесарот за здравство Оливер Вархеји, особено околу Законот за биотехнологија. Вархеји се спротивставува на делови од пакетот што не се директно поврзани со здравјето, а неговото противење, според изворите, се интензивирал бидејќи Сежурне промовирал поширока индустриска стратегија.
Некои функционери исто така велат дека однесувањето на Вархеји понекогаш се смета за провокативно, како што е оставањето на вклучен мобилен телефон за време на состаноците или лежерно седење на своето биро. Тој исто така наводно инсистирал дека само претседателката на Комисијата може да го замени на настани.
Претставници на Комисијата велат дека тензиите меѓу извршните потпретседатели и другите комесари се речиси структурно вградени во системот. Иако сите комесари се формално еднакви според законите на ЕУ, извршните потпретседатели имаат координативна и надзорна улога, што создава двосмислености што можат дополнително да ги затегнат односите во стресни ситуации.
Средбата се одржува пред самитот на лидерите на ЕУ за конкурентноста, закажан за 12 февруари.






