сабота, 31 мај 2025

Фон дер Лаен: Светската трговија се врти кон Европа

Светската трговија се врти кон Европа затоа што другите земји сакаат договори со ЕУ, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претседателката на ЕК на собирот на Европската народна партија во Валенсија истакна дека Европската унија „веќе има најголема мрежа на договори за слободна трговија, 76 од нив“ со земји од целиот свет.

„Сега светската трговија се свртува кон нас“, смета фон дер Лаен, во време додека светот се соочува со воведувањето на американските царини најавени од американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на април.

Од крајот на минатата година, ЕУ потпиша нов бран трговски договори, од јужноамериканскиот сојуз Меркосур, до Мексико и Швајцарија, потсети претседателката на ЕК.

„Сега работиме со Индија и Индонезија, Обединетите Арапски Емирати и Тајланд, Филипините и Малезија, со Пацификот. Сите тие сакаат договор со нас. Бидејќи сме фер, сигурни и играме според правилата“, нагласи таа. „Затоа, да останеме на тој пат, со ладна глава и обединети“, рече таа.

Фон дер Лаен изјави дека ЕУ мора паралелно да работи на зајакнување на својот единствен пазар преку укинување на непотребните национални бариери, борбата против фрагментацијата и бирократијата.

„Ако ги отстраниме сите трговски бариери во рамки на нашата Унија, би можеле да го зголемиме нашиот БДП до 10 проценти. Затоа, пријатели, време е да ги скршиме оковите. Европа беше лулка на иновациите. Да ја ослободиме европската иновација“, рече германската демохристијанка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ