Говорејќи на манифестацијата „Денови на индустријата на ЕУ“, која се одржа во Брисел, Фон дер Лаен укажа на брзото зголемување на цената на бензинот во Европа и потсети дека Европа увезува 90 отсто од својот гас.
Таа додаде дека побарувачката за гас е зголемена на глобално ниво поради закрепнувањето на економијата.
„Актуелните геополитички тензии исто така имаат своја цена. Повеќе од 40 отсто од нашиот гас увезуваме од Русија. Се чини дека Русија не е заинтересирана за зголемување на испораките на гас, и покрај моментално високите цени“, рече Фон дер Лаен.
Нагласувајќи дека пополнетоста на складиштата за гас во Европа е под потребното ниво, Фон дер Лаен објасни дека испораките на гас во Европа преку гасоводот Јамал на Газпром и преку Украина исто така се на ниско ниво.
„Сето ова укажува дека Газпром не се однесува како обичен снабдувач со гас. Се чини дека интересите на компанијата и политиката се испреплетени“, рече Фон дер Лаен.
Таа изјави дека ЕУ активно преговара со партнери како САД, Норвешка, Алжир, Азербејџан и Катар за снабдување со гас и дека Европската комисија во блиска иднина ќе им предложи различни мерки на земјите-членки.






