„Овде гранати се произведуваат во големи количини, не само за европски залихи, туку и за одбраната на Украина. Третина од оружјето испорачано во Украина од почетокот на војната доаѓа од Бугарија. Ви благодарам за вашата поддршка за одбраната на Украина“, напиша Фон дер Лаен на својот профил на Икс.
Таа ја посети најголемата државна компанија за производство на оружје во Бугарија во придружба на бугарскиот премиер Росен Жељазков, со кого разговараше и за прашања поврзани со европската безбедност, според бриселски Политико.
Посетата на Фон дер Лаен предизвика протести од поддржувачите на бугарската десничарска партија Преродба и националистичката партија Величина, кои се собраа пред влезот на компанијата.
Фон дер Лаен ја посети компанијата ВМЗ откако германската компанија за поризводство на оружје Рајнметал објави дека ќе изгради две нови фабрики во Бугарија, вклучително и проширување на објектот во Сопот. Фон дер Лаен е на турнеја во која ги посетува седум земји од таканаречената прва линија за да ги увери во поддршката на ЕУ против руската агресија, пишува Политико.
Покрај Бугарија, која има излез на Црното Море, таа ги посети Финска, Естонија, Литванија, Латвија и Полска, земји што граничат со Русија и Белорусија, а во понеделник ќе отпатува и во Романија, објави Политико.
Нејзината посета се совпаѓа со зголемените напори на американскиот претседател Доналд Трамп да посредува во постигнувањето прекин на огнот во војната на Русија против Украина.






