среда, 11 февруари 2026

Фон дер Лаен: Мора да ги срушиме бариерите кои не спречуваат да станеме глобален гигант

Европската унија мора да ги поедностави пазарите на капитал и регулативите за да ја намали фрагментацијата и да ја зајакне конкурентноста на блокот, изјави во среда претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен. „На нашите компании им е потребен капитал сега. Затоа ова мора да го завршиме оваа година“, нагласи таа. „Мораме, на еден или друг начин, да ги срушиме бариерите што нè спречуваат да станеме вистински глобален гигант“, пишува ДВ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Фон дер Лаен го опиша сегашниот систем на ЕУ како „фрагментација на стероиди“ и повика на „еден голем, длабок и ликвиден пазар на капитал“. „Да го земеме повторно примерот на САД: еден финансиски систем, едно финансиско средиште и неколку други финансиски центри“, рече таа, додавајќи дека Европската унија има не само 27 различни финансиски системи, туку и повеќе од 300 места за тргување.

ЕУ идентификуваше клучно прашање што би можело да ја зајакне конкурентноста на блокот. За разлика од САД, европските компании тешко доаѓаат до пристап на капитал што им е потребен за проширување и раст. Европската комисија предложи поедноставување на националните правила за создавање унија за штедење и инвестиции. Но, усогласувањето на финансиските правила во Европа и во минатото се покажа како тешко.

Фон дер Лаен ги повика пратениците да дејствуваат брзо, велејќи дека ќе го турка законодавството напред дури и ако сите земји-членки не се подготвени да ги променат своите национални правила. Доколку не се постигне договор, ЕУ треба да размисли за „засилена соработка“ меѓу земјите што сакаат да учествуваат, рече таа.

Еден од најзначајните, но и контроверзни предлози за зајакнување на европската економија е да им се даде предност на европските компании во „стратешките“ сектори во однос на странските конкуренти, план што го поддржува Фон дер Лаен.

„Во стратешките сектори, европските преференции се неопходен инструмент за зајакнување на европската производствена база“, рече таа, предупредувајќи против пристапот „една големина одговара на сите“. Во својот говор, таа додаде дека Европа треба да ја зголеми својата конкурентност со „зголемување на производството“ на континентот и „проширување на својата мрежа на сигурни партнери“.

Таа исто така ја нагласи важноста на потпишувањето трговски договори. По неодамнешните договори со јужноамериканскиот блок Меркосур и Индија, таа рече дека доаѓаат нови, со Австралија, Тајланд, Филипините и Обединетите Арапски Емирати.

Фон дер Лаен ги упати пораките пред да им се придружи на лидерите на ЕУ, меѓу кои и францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, на собирот на индустриски менаџери во Антверпен. Настанот се случува пред самитот на лидерите на ЕУ во четврток, каде што ќе се дискутира за зајакнување на економијата на Унијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ