понеделник, 15 декември 2025

Фон дер Лаен: Геополитичките превирања го променија светскиот поредок

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен денес во Токио изјави дека современите политички превирања трајно го променија постоечкиот светски поредок, предупредувајќи дека Европа мора да се соочи со новата реалност и да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Фон дер Лаен посочи на длабоките последици од војната на рускиот претседател Владимир Путин во Украина, како и на трговските тензии предизвикани од политиките на сегашниот американски претседател Доналд Трамп, објави денес Политико.

„Не можеме да си дозволиме да бидеме потресени од промените низ кои поминуваме, ниту повторно да веруваме во заблудата дека работите ќе се вратат на старо штом ќе заврши некоја војна, ќе се постигне трговски договор или изборите ќе тргнат во еден или друг правец“, рече претседателката на ЕК, додавајќи дека ветровите на геополитиката се премногу силни, а темелите на безбедноста и просперитетот несигурни.

Фон дер Лаен оцени дека е клучно да се гледа светот каков што е денес, а не низ призмата на минатите генерации, нагласувајќи дека начинот на кој Европа одговара на сегашните предизвици ќе го одреди текот на остатокот од 21 век.

Нејзините пораки доаѓаат во време кога, како што изјави таа, Европа сè повеќе ја препознава потребата да се потпре на сопствените капацитети и да преземе одговорност за сопствената иднина.

„Европа презема конкретни чекори. Во текот на изминатите недели и месеци, изнесовме предлози за инвестиции во сопствената одбрана во износи што беа незамисливи пред една или две години“, заклучи фон дер Лаен.

Фон дер Лаен е во Јапонија за самитот Европска унија-Јапонија, а во Токио ѝ се придружуваат претседателот на Европскиот совет Антонио Коста и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ