Повеќето од жртвите се удавиле во ненадејните поплави, а 127 лица сè уште се водат како исчезнати, повеќето во тешко погодената централна покраина Себу. Тропскиот циклон вчера го напушти филипинскиот архипелаг и се упати кон Јужното Кинеско Море. Тајфунот погоди речиси два милиони луѓе и расели повеќе од 560.000 селани, вклучувајќи речиси 450.000 кои беа евакуирани во засолништа, соопшти Канцеларијата за цивилна одбрана.
Прогласувањето на „состојба на национална катастрофа“, објавена од Маркос за време на состанокот со службите за итни случаи, ќе ѝ овозможи на владата побрзо да ја распредели помошта и да спречи трупање залихи на храна и неоправдано зголемување на цените.
Во меѓувреме, властите во Виетнам започнаа подготовки за доаѓањето на тајфунот Калмаеги. Финансискиот центар на земјата, Хо Ши Мин, се соочува со зголемен ризик од сериозни поплави бидејќи се очекува високата плима да се совпадне со обилните дождови донесени од бурата, предупредија метеоролозите. Се очекува нивото на водата во реката Сајгон да се зголеми, а во делови од градот би можеле да наврнат до 100 милиметри дожд, што би можело да ги поплави ниските подрачја.
На Филипините, тајфунот Калмаеги во вторникот истури количина дожд што обично паѓа за месец и половина во областа Себу, изјави државниот метеоролог Бенисон Естареја. Ова предизвика ненадејни поплави и предизвика излевање на реките и другите водни текови во градот Себу и околните места.
Поплавите ги поплавија станбените области, принудувајќи ги жителите да се качуваат на покривите во потрага за помош додека нивото на водата брзо се зголемувало. Надојдените води потопија или однесоа десетици возила, а жителите заробени на покривите снимија шокантни сцени.
Најмалку 71 лице загина во покраината Себу, претежно од давење, додека 65 се водат како исчезнати, а 69 се повредени. Уште 62 лица сè уште се бараат во соседната покраина Негрос Оксидентал.
„Направивме сè што можевме околу тајфунот, но, знаете, секогаш има неочекувани работи како ненадејни поплави“, изјави гувернерката на Себу, Памела Барикуатро, за Асошиејтед Прес. Таа додаде дека е можно проблемот да е влошен од годините вадење камен што предизвика блокирање на блиските реки и неквалитетните проекти за одбрана од поплави.
Покраината Себу сè уште закрепнува од земјотресот со јачина од 6,9 степени по Рихтер во кој загинаа најмалку 79 лица, а илјадници беа раселени на 30 септември.
Меѓу жртвите на тајфунот Калмаеги се и шест лица кои загинаа во вторникот при пад на хеликоптер на филипинските воздухопловни сили во јужната покраина Агусан дел Сур. Екипажот бил на хуманитарна мисија, соопшти војската.
Додека се справуваат со последиците од Калмаеги, филипинските власти предупредуваат дека нов тропски циклон од Пацификот би можел да се зајакне во супертајфун и да го погоди северниот дел од земјата на почетокот на следната недела. Филипините се погодени од околу 20 тајфуни и бури годишно, а чести се и земјотресите и вулканските ерупции, што ги прави една од земјите најсклони на природни катастрофи во светот.






