Предупредувањето, кое се темели на разузнавачки информации собрани од почетокот на февруари, беше испратено до локалните власти кон крајот на минатиот месец, јави Еј-би-си њуз.
„Според информациите што ги добивме неодамна, Иран од почетокот на февруари 2026 година наводно имал намера да изврши изненадувачки напад со беспилотни летала од неидентификуван брод крај брегот на Соединетите Американски Држави“, се вели во билтенот, во кој увид имал Еј-би-си њуз.
„Нападот би бил насочен кон неодредени цели во Калифорнија и би бил извршен во случај на американски напади врз Иран. Немаме дополнителни информации за времето, методот, целта или сторителите на овој наводен напад.“
Предупредувањето доаѓа во контекст на воените акции на администрацијата на Трамп против Исламската Република, на кои Иран веќе одговори со напади со беспилотни летала врз цели низ Блискиот Исток.
Теренската канцеларија на ФБИ во Лос Анџелес одби да коментира, додека Белата куќа не одговори на барањето за коментар.
Американските разузнавачки служби, во последните месеци исто така изразија загриженост за сè почестата употреба на беспилотни летала од страна на мексиканските нарко-картели. Постои загриженост дека технологијата би можела да се користи за напад врз американските сили и персонал во близина на мексиканската граница.
„Непотврден извештај покажува дека неидентификувани водачи на мексикански картели одобриле напади со беспилотни летала со експлозиви против американските безбедносни сили и воен персонал по должината на границата меѓу САД и Мексико“, се вели во билтенот од септември 2025 година.
Во документот се додава дека „таков напад врз американскиот персонал или интереси во рамките на Соединетите Американски Држави би бил без преседан, но е веројатно сценарио, иако картелите обично избегнуваат дејствија што би привлекле несакано внимание или одговор од американските власти“.
Џон Коен, соработник на Еј-би-си њуз и поранешен шеф на разузнавачката служба во Министерството за внатрешна безбедност, рече дека е загрижен поради можноста за војна со дронови од Пацификот и од Мексико.
„Знаеме дека Иран има значително присуство во Мексико и Јужна Америка. Тие имаат врски, имаат дронови, а сега имаат и мотив да извршуваат напади“, рече Коен. „ФБИ е мудро што го издаде ова предупредување за да можат државите и локалните самоуправи подобро да се подготват и да одговорат на овие закани. Оваа информација е клучна за безбедносните сили.“
Иако предупредувањето на ФБИ не прецизираше како беспилотните летала би можеле да се приближат до копното на САД, разузнавачките службеници долго време стравуваат дека опремата за напад може да биде претходно позиционирана – или на копно или на бродови на море – во случај Израел или САД да го нападнат Иран.






