петок, 19 декември 2025

Фараж на пат да стане премиер на Велика Британија

Лидерот на британската Реформска партија Најџел Фараж би можел да стане следниот премиер на Обединетото Кралство, според најновата анкета на ЈуГов. Проекцијата, заснована на примерок од 13.000 гласачи собрани во текот на изминатите три недели, предвидува дека британската Реформска партија би освоила 311 од 650 места во Долниот дом на парламентот, што е за 15 места помалку од формалното мнозинство, објави денес Скај њуз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Резултатите од анкетата укажуваат на големи загуби за Лабуристите и Конзервативците. Според проекцијата, Лабуристите би освоиле 144 места, додека Конзервативците би паднале на 45, што би ги сместило на четвртото место за прв пат во историјата. Либералните демократи би освоиле 78 места, Шкотската национална партија 37, Зелените седум, Плејд шест, а три места би отишле кај левицата.

Проекцијата сугерира дека Реформската партија би го остварила најголемиот скок во британската историја, од сегашните пет на помеѓу 306 и 311 места, при што три четвртини од новите места би ѝ дошле директно од Лабуристите.

Најсилната поддршка на партијата би била во Североисточна Англија, Источен Мидлендс и Велс, при што Лондон и Шкотска се послаби области.

Во националната распределба на гласовите, Реформската партија би имала 27 проценти, Лабуристите 21 процент, Конзервативците 17 проценти, Либералните демократи 15 проценти, Зелените 11, Шкотската национална партија 3 проценти и Плејд 1.

Проекциите имаат значителна маргина на грешка, при што бројот на места што Реформската партија би можела да ги освои во Велика Британија се движи од 271 до 342.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ