Партијата на Европските социјалисти (ПЕС) денес едногласно гласаше за исклучување на партијата Смер на Фицо, поради тоа што во последните години зазеде ставови кои се „силно и длабоко спротивни на вредностите и принципите“ за кои се залага тоа политичко семејство, изјави генералниот секретар Џакомо Филибек.
„Ова е едногласна, јасна порака. Ако припаѓате на семејството ПЕС, ги споделувате вредностите што сите ги споделуваме“, рече Филибек по гласањето на конгресот на групата во Амстердам.
Во мај, Фицо беше единствениот лидер на земја од ЕУ што отпатува во Москва на одбележувањето на 80-годишнината од поразот на нацистичка Германија во Втората светска војна, и покрај повиците на ЕУ за бојкот.
Фицо е познат по своите проруски ставови и отворено се спротивставува на политиките на Унијата за Украина.
Исклучувањето на Смер од членството доаѓа откако социјалистите го изгубија трпението со Фицо, за кого веруваат дека им „се додворува“ на Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг и кого го обвинуваат за грубо кршење на владеењето на правото во Словачка.
Членството на Смер во ПЕС беше суспендирано во октомври 2023 година, кога тој формираше влада со националистичката Словачка народна партија (СНС).






