Серијата состаноци помеѓу европски и украински претставници продолжува по разговорите во неделата во Берлин меѓу американските претставници и украинскиот претседател Володимир Зеленски, со цел да се обезбеди мир и безбедност на континентот во услови на сè порешителната Русија, пишува АП.
Во недела, Зеленски се сретна со специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп Стив Виткоф и зетот на Трамп Џаред Кушнер, во канцеларијата на германскиот канцелар, надевајќи се дека ќе се стави крај на речиси четиригодишната војна.
Вашингтон со месеци се обидува да ги усогласи барањата на двете страни, при што Трамп инсистира на брз крај на конфликтот и станува сè понетрпелив поради одложувањата. Но, потрагата по компромиси се соочи со големи пречки, вклучително и прашањето за контрола врз источноукраинскиот регион Донецк, кој во голема мера е окупиран од руските сили.
Во неделата, Зеленски ја изрази подготвеноста да се откаже од напорите на својата земја за членство во НАТО доколку САД и другите западни земји му обезбедат на Киев безбедносни гаранции слични на оние што ги уживаат членките на алијансата. И покрај ова, Украина продолжува да се спротивставува на притисокот од САД да отстапи територија на Русија.
Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин побара Украина да ги повлече своите сили од делот од регионот Донецк што е сè уште под нејзина контрола како еден од клучните услови за мир. Путин исто така ја прикажа кандидатурата на Украина за членство во НАТО како голема закана за безбедноста на Москва и изговор за започнување целосна инвазија во февруари 2022 година.
Кремљ бара Украина да се откаже од членство во алијансата како дел од секој мировен договор. Зеленски нагласи дека сите западни безбедносни гаранции ќе мора да бидат правно обврзувачки и ратификувани од Конгресот на САД.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој заедно со францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер ги предводи европските напори за поддршка на Украина, во саботата изјави дека „децениите на Пакс Американа се во голема мера завршени за нас во Европа, како и за нас во Германија“.
Тој предупреди дека целта на Путин е „фундаментална промена на границите во Европа, враќање на стариот Советски Сојуз во неговите граници“. „Ако Украина падне, тој нема да запре“, предупреди Мерц за време на партиската конференција во Минхен.
Во меѓувреме, Макрон вети на социјалната мрежа Икс во неделата дека „Франција ќе биде и ќе остане со Украина за да изгради силен и траен мир – мир што може долгорочно да ги гарантира безбедноста и суверенитетот на Украина, како и на Европа“. Путин негираше дека планира да нападне кој било европски сојузник.






