Поради проблемите со новиот Систем за влез и излез од Европската Унија (ЕЕС), патниците на европските аеродроми ова лето би можеле да се соочат со она од што најмногу стравуваат — редици и чекање на пасошката контрола, пишува денес германскиот весник Ханделсблат.
Особено во јули и август, времето на чекање би можело да достигне и до четири часа, предупредија Меѓународниот совет на аеродроми (АЦИ), Здружението на европските авиокомпании (А4Е) и Меѓународната асоцијација на авиокомпании (ИАТА) во заедничко писмо упатено до европскиот комесар за внатрешни работи Маркус Брунер.
Шефот на аеродромот во Минхен и претседател на АЦИ Јост Ламерс изјави за Ханделсблат дека последиците од новиот систем за влез во Европската Унија веќе се чувствуваат и дека поединечни земји пријавиле проблеми „поради долго чекање“ на аеродромите и „ИТ-проблеми“.
„Тоа е многу амбициозен проект, а сè уште сме во месеци со низок интензитет на патувања. Летото допрва доаѓа“, рече Ламерс.
Системот за влез/излез во шенгенската зона (ЕЕС) беше воведен во октомври минатата година и потоа постепено имплементиран во сите членки на Европската Унија. ЕЕС треба автоматски, биометриски, да ги регистрира сите лица што влегуваат во Европската Унија од трети земји.
На аеродромите системот функционира така што патникот што влегува во Европската Унија доаѓа до автомат, таканаречен киоск, го внесува својот биометриски пасош, по што автоматот го фотографира и зема отпечатоци од прсти, кои ги споредува со податоците од пасошот. Системот во сите членки на Европската Унија треба да биде целосно оперативен до април, пишува Ханделсблат.
Меѓутоа, поединечни земји доцнат, а причините се како технички проблеми, така и недостиг од персонал, се наведува во писмото на здруженијата АЦИ, А4Е и ИАТА.
Во случај автоматската контрола да откаже, патникот мора да чека на класичната пасошка контрола, а поради недостиг од службеници повторно се создаваат долги редици, пишува Ханделсблат.
Проблем е, според весникот, и недоволната примена на апликацијата „Патувај во Европа“ на европската агенција за граничен надзор Фронтекс.
Мобилната апликација им овозможува на патниците од трети земји однапред да завршат добар дел од биометриската проверка на пасошот и да го скратат времето на премин на границата, но во моментов таа апликација на своите граници ја применува само Шведска, пишува Ханделсблат.
Наведувајќи дека подобрата заштита на границите е целосно оправдана цел, Ламерс рече дека воведувањето на системот ЕЕС мора да оди побрзо и со подобро користење на сите потенцијали на дигитализацијата.
Тој оцени дека Европската Унија до крајот на октомври би можела пофлексибилно да го применува новиот систем, така што во одредени густи термини би се откажала од целосното читање на биометриските податоци на патниците.






